ДИК денеска ќе ги соопшти конечните резултати од изборите и ќе им додели уверенија на новите пратеници

Државната изборна комисија денеска ќе одржи седница на која ќе се донесе заклучок за објавување на конечните официјални резултати од предвремените парламентарни избори, откако Управниот суд ги одби сите тужби поднесени од страна на подносителите на листи.

По завршувањето на оваа седница, ќе следи свечена седница на која ќе се доделуваат уверенијата за избраните пратеници.

Со потврдување на решенијата на ДИК од страна на Управниот суд резултатите стануваат конечни бидејќи се исцрпени сите правни механизми на политичките партии да ги спорат резултатите од изборите.

На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, според првичните  резултати што ги соопшти ДИК, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.