“Најк” ќе отпушта работници

Американскиот производител на спортска опрема Најк најави бројни промени во менаџерскиот тим и намалување на работната сила, со намера да се фокусира на онлајн продажба на клиентите, бидејќи пандемијата на  коронавирусот ги менува навиките за купување на потрошувачите.

Компанијата соопшти дека планираните измени би довеле до „нето загуба на работни места во целата компанија“, што резултира во еднократни трошоци пред оданочување, засновани на отпремнина за отпуштените работници, од приближно 200 до 250 милиони американски долари, објави CNBC.

На 31.05.2019 година, Најк имаше 76.700 вработени ширум светот, според податоците од годишниот извештај на компанијата.

Портпаролката на Најк одби да каже точно колку работни места ќе бидат намалени, инсистирајќи на тоа дека потегот не е насочен кон намалување на трошоците, туку за инвестирање во посилните деловни сектори на компанијата.

Иако пријави неочекувана нето загуба во четвртиот квартал од фискалната година и 38% пад на продажбата од истиот период претходната година, он-лајн продажбата на Најк скокна за 75% во кварталот, што претставува околу 30% од вкупниот приход.

Компанијата има пазарна капитализација од 153 милијарди американски долари.