Владејачката сириска партија Баас и нејзините сојузници освоија мнозинство гласови на парламентарните избори што се одржаа на 19-ти јули, според резултатите објавени од изборната комисија на земјата.
Партијата на претседателот Башар ал Асад и нејзините сојузници освои 177 од 250 места на третите избори од почетокот на војната во Сирија пред девет години, јавува Танјуг, повикувајќи се на арапските медиуми.
Претседателот на изборната комисија Самер Замрик рече дека 33 проценти од гласачите излегоа на гласање во неделата, помалку отколку во 2016 година, кога имаше 57 проценти.
Сиријците гласаа на повеќе од 7.000 избирачки места, некои од нив во поранешните установи на бунтовниците над кои владините сили ја повратиле контролата во изминатите две години.
Изборите, закажани за април, двапати беа одложени поради пандемијата со корона вирусот.
Противниците на Асад ги опишаа изборите како „фарса“, додека мнозинството граѓани во анкетите на избирачките места изјавија дека се загрижени за високите трошоци.
Изборите се одржаа во услови на строги здравствени мерки, воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Тие беа одржани по воведувањето нови санкции од САД, кои се на сила од минатиот месец, но и антикорупциската кампања, во која богатиот роднина на претседателот Асад е под притисок да врати десетици милиони долари на државата.
Гласањето не се одржа во северозападната провинција Идлиб, последното упориште на бунтовниците во земјата, кое го контролираат курдските трупи поддржани од САД.