Интернационалниот ден на волонтерите се одбележува секоја година на 5 Декември. Како што велат од Обединетите Нации, овој ден се смета како единствена шанса волонтерите и организациите да ги слават своите напори, да ги споделат своите вредности и да ја промовираат својата работа меѓу нивните заедници, невладини организации (НВО), агенции на Обединетите нации, владини власти и приватниот сектор.
Освен што мобилизира илјадници волонтери секоја година, програмата за волонтери на Обединетите нации придонесува за мир и развој преку застапување за признавање на волонтерите и работење со партнери за интегрирање на волонтерството во развојната програма.
По повод Меѓународниот ден на волонтерите – 5 декември, Волонтерскиот центар Скопје (ВЦС) и Американско катче Скопје (American corner Skopje), со поддршка на Коалицијата на младински организации „СЕГА” и останати организации, како и на Општина Кисела Вода организираат низа активности кои имаат за цел да го промовираат волонтерството, како и да придонесат за подобра и поздрава животна средина.
Најпрво е предвидена акција за чистење на отпадот на повеќе локации во Скопје. Ќе бидат организирани четири групи, кои во 11 часот ќе започнат координирано да го „елиминираат“ ѓубрето, посочуваат организаторите. Појдовните точки се: Канцеларијата на ВЦС на улица „Емил Зола” број 3-3/1 во Кисела Вода, канцеларијата на “American corner” (во катните гаражи кај зградата на МРТВ), хотелот „Пелагонија” до средното економско училиште „Васил Антевски – Дрен” и градинката и Здравствениот дом во Шуто Оризари. Целта е да се исчисти отпадот и да се подигне свеста кај граѓаните, односно не само да се крева ѓубрето, туку и да не се фрла на места што не се соодветни.
Активностите на Меѓународниот ден на волонтерите продолжуваат во 17 часот со панел-дискусија за волонтирањето што ќе се одржи во просториите на “American corner” на која ќе говорат преставници од ВЦС, Национален младински совет на Македонија и Младински совет на амбасадата на САД во Скопје.