,,На десет минути пред истекот на законскиот рок, во архивата на ДИК, Левица ги поднесе своите 1.982 писмени ПРИГОВОРИ (уредно спакувани во четири регистратори) – за да си ги повратиме тројцата украдени пратеници“-информираа од Левица.

Вчера до истекот на законскиот рок беа поднесени вкупно 2 141 приговори за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето на 15 јули.

Покрај, речиси две илјади приговори на Левица, Алијанса на Албанците и Алтернатива поднесоа 77 приговори.

Два приговора се од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од гласањето. СДСМ нема поднесено приговори за овие избори.

Синоќа во 21 часот, заврши рокот за поднесување приговори за постапката за гласање.

По завршувањето на роковите за поднесување приговори, се очекува ДИК да закаже седница денеска, а најдоцна утре, на која јавно ќе ги разгледа и ќе одлучува по нив.