Вакцината на Оксфорд може да обезбеди двојна заштита од коронавирусот

Вакцината што се развива на универзитетот Оксфорд е една од водечките кандидати во глобалната трка за заштита од коронавирусот.

Истражувачите од Оксфорд веруваат дека направиле успех во развојот на вакцината против коронавирусот.

Според извештаите, човечките испитувања покажале ветувачки резултати, откако тимот открил дека вакцината може да обезбеди „двојна заштита“ од вирусот.

Примероците на крв земени од волонтерите во првофазни испитувања покажаа дека вакцината го стимулира организмот да направи антитела и Т-клетки, пренесува „Дејли телеграф“.

Т-клетките (клетки кои имаат улога да препознаат туѓо тело и да направат се за да го „уништат“) се најодговорни за имунолошкиот одговор на организмот.

Извор за весникот изјави дека комбинацијата „сигурно ќе спаси луѓе“.

Вакцината е една од повеќе од сто што се развиваат во светот.

Коронавирусот, кој продолжува да се шири, зарази повеќе од 13 милиони луѓе и уби најмалку 582.000 луѓе.

Дејвид Карпентер, претседател на Комисијата за етика на истражувањето во Беркшир, кој го одобри истражувањето во Оксфорд, рече дека тимот за вакцини е „апсолутно на добар пат“.