Денеска во касарната во Ѓорче Петров на Армијата на Република Македонија ѝ беше предадена донација во заштитна медицинска опрема од Народна Република Кина.

„Донацијата е од нашата народна армија и е добар симбол да докажеме дека вистинските пријатели се гледаат во несреќа. Кина со искрена надеж сака да соработува со РСМ заедно да се бориме и побзро да го победиме вирусот“, рече амбасадорот Ѕуо и додаде дека оваа донација следи во редот на повеќе реализирани донации од збратимени градови, хуманитарни организации и компании од Кина.

Николиќ се заблагодари до НР Кина за овој хуманитарен гест и истакна дека донацијата е предвидена за Армијата на РСМ која се наоѓа на првата линија на борба против ковид-19.

„Само преку акти на солидарност, заеднички споделните искуства и научените лекции можеме сите заеднички и во регионот и глобано да ја победиме оваа пандемија. Ние ги споделуваме искуствата, научените лекции, но и мерките и активностите кои на светско ниво се применуваат така што сме подготвени и за наредниот период за евентуалниот втор бран уште поефикасно да се справиме со коронавирусот и што поскоро да ја победиме оваа пандемија“, вели Николиќ.

Донацијата што овојпат пристигна со експресен воз од Кина до Европа, се состои од 62.000 заштитни маски, 4.200 заштитни очила, 3.000 визири, 6.000 заштитни одела и комплети, ракавици, инфузиски пумпи, електрични термометри и два сета термални шлемови.