– Во фаза на тестирање на луѓе е и вакцината „Модерна“ во Бостон. Но, според информациите, вакцината што ја развива Оксфорд е водечки кандидат, бидејќи покажала добра имунолошка реакција на коронавирусот во досегашните тестирања – вели Грозданова.
Таа потенцира дека ефикасноста и безбедноста на вакцините е првото и најважното нешто што се следи, така што ако вакцината биде одобрена за употреба, мора да ги исполни овие два услова.
Сепак, според неа, септември е нереално рано за да може да се очекува готова вакцина што ќе штити од ковид-19 да добие масовна примена.
Вакцината на Оксфорд во моментот се тестира на околу 10.000 доброволци во Велика Британија, 5.000 во Бразил, 2.000 во Јужна Африка и наскоро на 30.000 лица во САД, влегувајќи во последната трета фаза, по што итно ќе биде одобрена за употреба.
Според документацијата, Европската инклузивна вакцинална алијанса (ИВА), предводена од Германија, Франција, Италија и од Холандија, се договорила со „Астра зенека“ за 400 милиони дози во септември.
Сличен договор е постигнат со Велика Британија, САД, ЦЕПИ (Коалиција за иновативна подготвеност за пандемија) и Алијансата ГАВИ, група за финансирање на вакцините, за 700 милиони дози. Тоа прави над една милијарда дози за првите испораки во септември 2020 година.
Македонија доби покана за вклучување преку Глобалната алијанса за вакцини и имунизација (ГАВИ), која би требало да ни обезбеди одредени количини на вакцина кога таа ќе биде произведена. Информацијата веќе се обработува во Министерството за здравство, по што ќе треба да биде одобрена и од Владата. Но засега е рано за да се знаат одредени детали околу тоа кој ќе ги добие првите дози, дали ќе биде задолжителна и кога поточно може да ја очекуваме.