Четврти ден протести во Бугарија

Веќе четврти ден по ред неколку илјади Бугари излегоа на улиците во знак на протест против корупцијата, кои бараат оставка на конзервативната влада на премиерот Бојко Борисов.

Во Софија, над 3.000 луѓе протестираа пред седиштето на владата, извикувајќи „Мафија“ и „Оставка“.

Демонстрантите маршираа кон парламентот, блокирајќи го сообраќајот во центарот на бугарската престолнина.

Министерството за внатрешни работи синоќа соопшти дека протестот заврши без инциденти. Неколку стотици граѓани протестираа синоќа во десетина други бугарски градови.

Протестите започнаа во четвртокот откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на канцеларијата на претседателот Румен Радев и апсење на двајца негови соработници осомничени за трговија со влијание.

Радев, избран за претседател во 2016 година со гласовите на Социјалистичката партија, отворено ја критикува централно-десничарската влада и ја обвинува за корупција, недостаток на правда и задушување на слободата на говорот.

Борисов, чија оставка ја бараат демонстрантите, стана премиер во 2009 година, а неговиот трет мандат истекува во март. Протест во Софија е најавен и за денес.