Светски познатиот симбол на Истанбул и на Турција, музејот на соживотот, црквата Аја Софија, од вчера и официјално со декрет на турскиот претседател, Реџеп Ердоган, е претворена во муслимански храм, џамија во која верниците повторно ќе се молат.
Навистина на ова ѝ претходеше одлука на турскиот суд кој го прифати барањето на сѐмоќниот Ердоган, но идејата и реализацијата се негови.
Аја Софија со одлука на демократскиот претседател, таткото на модерна Турција, Ќемал Ататурк, во 1934 година беше прогласена за музеј на толеранцијата и соживотот и таа беше отворена за посетителите, но само за туристите. Во неа оттогаш не се извршуваат верски обреди.
Сега, Ердоган ги повика муслиманските верници да се вратат на молитва во ,,новата“ џамија.
Првата молитва е закажана на 24 јули.
Официјален Париз, ЕУ, САД, УНЕСКО…жалат за одлуката на Ердоган.
Ја осудуваат неговата политичка интервенција и одлуката на судот и жалат за претворањето на едно културно светско наследство во верски храм, кој отсега ќе биде достапен само на муслиманските верници, наместо на целиот свет.
Аја Софија беше омилена туристичка дестинација
Одлуката за претворање на Аја Софија едонесена без претходен дијалог со УНЕСКО, иако овој музејски храм се наоѓа на листата на светското наследство на организацијата на ОН.
Аја Софија е изградена како византиска црква во шестиот век и потоа претворена во џамија откако Турците го освоиле Цариград во 1453 година.
Со декрет на турскиот претседател Ќемал Ататурк, во 1934 година Аја Софија доби статус на музеј и оттогаш важи за симбол на мирен соживот меѓу религиите и разните вери.