Државната изборна комисија денеска објави видео во кое симулира како ќе гласаат заразените од Ковид-19 на престојните парламентарни избори на 15. јули.
На местото каде што се пријавиле гласачите заразени со коронавирусот, ќе има посебен избирачки одбор составен од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. Тие пред посетата на секој гласач ќе треба да се опремат со мантил, ракавици и маска за еднократна употреба, како и визири и средства за дезинфекција. Заштитната опрема се менува по завршување на гласањето на секој гласач.
Пред да му се даде гласачкото ливче, гласачот мора да има маска и ракавици. Гласачот ги дезинфицира рацете и се идентификува на дистанца од посебниот избирачки одбор. Гласа тајно и гласачкото ливче го става во плик, па во кутијата за гласање.
По завршување на гласањето, посебниот избирачки одбор во просториите на општинската изборна комисија го предава материјалот на избирачкиот одбор во чии извод од Избирачкиот список се наоѓаат гласачите што гласале.
На крајот се отвора гласачката кутија со пликовите со гласачки ливчиња и тие се селектираат по избирачки места, па се стават во соодветната кутија на избирачкото место.