Светските агенции доцна синоќа објавија дека демонстрантите и приврзаниците на опозицијата се судрија со полицијата и се обидоа да влезат во зградата на српскиот парламент во Белград, откако беше најавено враќање на рестриктивните мерки, вклучително и полицискиот час за време на викендот, за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Според агенциите, некои демонстранти за кратко време успеале да навлезат во зградата на собранието, но полицијата ги потиснала и тие се одмаздиле со палење на факелите и фрлајќи камења, шишиња и јајца кон полицијата, пренесува Танјуг.
АП наведува дека полицијата во неколку наврати испукала солзавец кон демонстрантите пред зградата на парламентот, додека некои демонстранти извикувале: „Оставка, оставка“.
Неколку судири избувнаа меѓу некои од најекстремните демонстранти, кои се чини дека припаѓаат на екстремно десничарските групи, според АП, и полициските службеници кои користеле палки.
Полицијата, исто така, наводно се судрила со демонстрантите пред зградата на РТС, која опозицијата ја обвинува за пристрасно известување во корист на властите.
Претходно, претседателот Александар Вучиќ ја опиша ситуацијата со епидемијата на коронавирус во Белград како „алармантна“ и „критична“, затоа што болниците во градот се близу до целосна исполнетост на капацитетите, откако надлежните објавија најголем дневен број смртни случаи од коронавирусот во текот на денот.
Според АП, многумина го обвинија претседателот на Србија дека ги укина претходните мерки на изолација само заради изборите, што тој ги негираше.
Агенцијата, исто така, објави дека премиерот на Србија, Ана Брнабиќ ги осуди протестите, изјавувајќи дека полицијата ќе го штити редот и мирот и ги обвини опозициските политичари дека стојат зад упадот во парламентот.
Србија, со население од седум милиони жители, пријавила 16.168 случаи на заразени со коронавирусот и 330 смртни случаи, а само во вторник се регистрирани 299 нови случаи и 13 смртни случаи.
Епидемиолозите и лекарите предупредуваат дека болниците се полни, а медицинските работници се уморни.
Ројтерс посочува дека Србија воведе вонредна состојба на почетокот на март со цел да го потисне ширењето на коронавирусот, а на крајот на мај беше меѓу првите земји што ги ослободи мерките и закажа избори за 21 јуни.
Противниците ја обвинуваат владата за зголемувањето на бројот на случаи со коронавирусот и тврдат дека граѓаните не треба да ја плаќаат цената со друг полициски час, пренесува Ројтерс.