Анализа: „За спорниот член 11 од Законот за помилување“

Вчера во Собранието на Република Македонија пратениците во Законодавно правната комисија донесоа заклучок дека нема потреба од автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, бидејќи таков член воопшто не постоел.

После една недела препукување помеѓу партиите по доставеното мислење од страна на владата до собранието, пратениците одлучија да гласаат против потребата од автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.

Ставовите на власта и опозицијата

СДСМ: Целта на СДСМ е еднаш засекогаш да се затвори нелегалната аболиција од Ѓорге Иванив. Актуелните случувања во судството покажуваат дека прво мора да ја затвориме нелегалната аболиција на Иванов, а потоа да се посветиме на реформи во судството и целосен ветинг врз судиите и обвинителите, по што ја повикуваа опозицијата да го поддржат барањето за автентично толкување.

ВМРО-ДПМНЕ: Откако кажа дека е против амнестија и помилување на високи функционери го поддржа предлогот. Но по изгласувањето обвини за правна неписменост на Владата бидејќи една недела министерството за правда тврди дека мора да има автентично толкување, за на крајот самата Комисија да заклучи дека нема потреба од автентично толкување на член кој што не постои. Ова е затоа што сфатија дека доколку Собранието донесе автентично толкување дека членот 11 од законот за помилување не постои, тој автоматски ќе мора да стане составен дел односно да се избрише од законот за помилување од 93-та година наваму со што премиерот Заев ќе немаше помилување и случајот „Глобал“ќе мораше повторно да се отвори.

Спорниот член 11

„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога тоа е од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.“

Правото на помилување на Претседателот, произлегува од Уставот на Република Македонија и доуредено со Законот за помилување.

Во 2009 година од страна на Собранието на Република Македонија е донесен Закон за изменување и дополнување на Законот помилување.

Во 2016 година по иницијатива на адвокатот Ристо Китевски од Охрид, Уставниот суд на седницата одржана на 16 март 2016 година донесе Одлука со која го укина Законот за изменување и дополнување на Законот помилување од 2009 година.

По донесената укинувачка одлука, Претседателот на Републиката, Иванов донесе одлуки за помилување-ослободување од гонење, без спроведување на постапка за вкупно 56 лица.

По ова следуваа низа протести и притисоци, што резултираа со повлекување на дадените помилувања од страна на Претседателот на Републиката.

Автентично толкување на членот 11

Минатата недела, по предлог на пратениците од редовите на СДСМ, Сашко Велков и Диме Костовски , Собранието на Република Македонија,  поведе постапка за автентично толкување на  член 11 од Законот за помилување.

Мислење на Владата

Владата на Република Македонија на седница одржана на 3 декември 2019 година  постапувајќи по барањето за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, го утврди мислењето на министерството за правда и достави до Собранието на Република Македонија.

Во мислењето на Владата стои дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година е укинато правото на претседателот да го користи членот 11 од Законот за помилување кој давал можност за помилување без спроведување на постапка пропишана со законот кога тоа е од интерес на Републиката или кога посебни околности што се однесуваат на личноста на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано.

Поточно со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување е избришан членот 11.

Во мислењето стои дека со Укинувањето на овој закон од страна на Уставниот суд и покрај донесената Одлука од страна на Уставниот суд (со која е укинат предметниот закон во целост) не може да се изврши враќање на текстот на законот, забележувајќи дека Уставниот суд нема законодавна функција, односно дека со укинувањето на одредбата која заменила претходна одредба, стариот закон не се враќа автоматски. Но со укинувачаката одредба не се оживува страта одредба на законот која веќе била укината.„Оживувањето“ на првиот закон не е возможно без изречна одредба на Уставот која би им давала вакво дејство на укинувачките одлуки на Судот.

„Укинување“ и „поништување“

Сепак треба да се има во предвид дека правното дејство на укинувачката одлука е ex nunc, што значи дека укинатиот нормативен акт само се елиминира од правниот поредок, но одлуката на Судот не претставува основ за интервенција во поединечните акти и односи што настанале од неговата примена пред укинувањето, за разлика од дејството на поништувачката одлука кое е ex tunc и има цел не само елиминирање на неуставниот или незаконитиот нормативен акт од правниот поредок, туку и отворање можност за измена на поединечен акт донесен врз основа на него во кое било време од денот на неговото влегување во сила.

Едноставно кажано:

Со УКИНУВАЊЕТО значи дека законот се става вон правниот промет, постои но не се употребува, но и дека не се враќаат назад претходните одредби.

Со ПОНИШТУВАЊЕ на закон или одредба, се исфрла од правниот промет, се смета како да не постоела, и се враќаат во важност претходните одредби.

Дали постои или не членот 11 од Законот за помилување

Владата тврди дека правото на помилување, без спроведување на постапка не е составен дел на Законот за помилување,  бидејќи оваа одредба била избришана со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, а како аргумент на ова ја земаат одлуката на Уставниот суд У.бр.19/2016 година, при тоа додавајќи дека Уставниот суд нема законодавна улога.

Спротивно на ставот на владата уставните судии Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Сали Мурати и Гзиме Старова во 2016 година по повод одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година даваат издвоено мислење во кое наведуваат:

„укинувачката интервенција на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување се враќа во примена член 11 од Законот за помилување кој уредува дека Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога тоа е од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано. Преку укинувањето на измените на законот овој член повторно се враќа во сила, а тој овозможува Претседателот да помилува определено лице без воопшто да се спроведе законски пропишана постапка во случај тој да смета дека е оправдано.“

Од друга страна во нормативната правна пракса се поставува прашањето како е возможно ако не бил во правниот промет членот 11, истиот да е дополнет со нова одредба 11 а со која се дорегулира постапката за поништување на правото на помилување без претходна постапка за помилување, како право на Претседателот на Републиката.

Се поставува прашањето за што се бара автентично толкување од Собранието на Република Македонија за членот 11, доколку истиот не  е дел од нашиот правен поредок.

Доколку функционира правниот систем во државава согласно Уставот, едноставно кажано тоа би изгледало вака: Собранието носи закони, Владата ги спроведува, а Уставниот суд се грижи законите да се во согласност со Уставот.

Но со оглед на оваа ситуација состојбата е сосема различна односно, Собранието носи измени на закон, Уставниот суд ги укинува, Собранието носи нови измени на законот и на крај, Владата да им каже на Собранието и Уставниот суд дека сето тоа не важи.

Со ова само се поткопува правниот систем на државава и се ствара правна несигурност кај граѓаните.

Затоа најдобро ќе биде Уставниот суд да ги преземе работите во свои раце и да почне да си ја работи својата работа. Ете за почеток, за да му биде полесно, нека се обрати до Венецијанската комисија со барање за „amicus curiae“ или пријателско мислење и да добие правен совет.

Б.С.