ДИК нема да дозволи да гласаат лицата кои се во самоизолација или карантин, а сè уште немаат добиено решение од ДСЗИ

На денешната седница на Државната изборна комисија, членот Елизабета Постоловска предложи дневниот ред да се дополни со измена на Упатството за гласање на лицата кои се заболени од КОВИД-19 или пак се наоѓаат во самоизолација. Таа побара измената да биде во насока да им се овозможи уставно загарантираното право на граѓаните – правото на глас.

Бидејќи голем дел од лицата кои се заразени со ковид-19 и се во карантин и лицата кои се во самоизолација поради контакт со заразено лице сè уште немаат добиено решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Постоловска предложи да им се овозможи да се пријават за гласање од дома без приложување на решенија за самоизолација или карантин, бидејќи истите ги немаат добиено од ДСЗИ, а ДИК по службена должност од ДСЗИ да побара податок за овие лица дали се во самоизолација или карантин.

Членот на ДИК, Борис Кондарко во врска со овој предлог истакна дека треба да работат согласно упатствата на ДИК, како и тоа дека требало да има и материјал за оваа точка. Тој истакна дека оваа материја е веќе опфатена во Упатството на ДИК за гласање на овие лица и дека истите мора да приложат решение за карантин или самоизолација издадени од ДСЗИ. Од тие причини, како што рече тој, нема да го поддржат ваквиот предлог.

Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху предложи за овие лица кои немаат добиено решенија за карантин или самоизолација да може да се пријават за гласање со приложување како доказ, смс пораките што ДСЗИ им ги испраќа за самоизолација или тестот со кој се докажува дека лицето е позитивно на ковид-19.

ДИК со 4 гласа „против“ и 2 „за“ го одби предлогот на Постоловска.

Инаку пријавувањето на овие лица кои се заразени со ковид-19 или се во самоизолација завршува утре во 24:00 часот.

Граѓаните кои по 8-ми јули ќе се заразат со коронавирусот, или ќе добијат решение за самоизолација, нема да може да гласаат на овие избори.

Граѓаните кои се во домашен карантин или во самоизолација ќе гласаат на 13-ти јули.

Интернет страницата за регистрирање може да ја најдете на следниов линк.