Германскиот експерт Роланд Бергер предупредува дека во Германија, поради кризата со пандемијата на коронавирусот, бројот на невработени би можел да достигне пет милиони.
Во јуни, според сегашните податоци, 2.8 милиони невработени лица се регистрирани во канцеларијата на трудот во Германија, пренесува Танјуг.
„Верувам дека постои опасност да достигнеме бројка од пет милиони невработени“, рече Бергер и додаде дека очекува стапка на невработеност од 10 проценти.
Ова, оцени тој, е огромна закана за германската економија.
Шефот на Социјалдемократската партија на Германија (СДП), Норберт Валтер-Борјанс смета дека сегашниот број на невработени е преголем.
Тој рече дека не треба да се „повикува ѓаволот“, додавајќи дека многумина се загрижени дали Германија ќе биде погодена од вториот бран на епидемијата, додека владата се бори за секое работно место.
За време на дискусијата, учесниците, вклучително и оние кои беа отпуштени за време на пандемијата, оценија дека многу компании ја користат корона криза како изговор за намалување на бројот на вработените.