Грција ја затвори границата за српските државјани во шест часот утринава, освен за потребните патувања за кои е потребна посебна дозвола, додека пак српските граѓани кои веќе се во Грција како туристи, ќе можат да останат таму до крајот на аранжманот и да се вратат во својата земја.
„Ги предупредуваме граѓаните да не одат во Грција за да ја избегнат оваа ситуација, односно голем број наши граѓани да се најдат на патот или на грчките гранични премини без можност да влезат на територијата на Грција“, рече српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за „Танјуг“.
Портпаролот на владата во Атина, Аристотелија Пелони, изјави дека „според новите епидемиолошки податоци, одлучено е да се запре влезот на српските граѓани во Грција од понеделник, 6 јули, во шест часот наутро“.
Оваа одлука ќе трае до 15 јули, при што грчката страна не донесе одлука за проширување на мерките.
Грција ја отвори границата за граѓаните на Србија и другите земји на 1 јули, по што голем број на туристи од Србија заминаа на одмор во таа земја.
Во Србија, во меѓувреме, бројот на заразени и починати од коронавирусот започна да расте, а во неколку градови е прогласена вонредна состојба.
Грција објави дека во претходните 24 часа регистрирала уште девет заразени со вирусот и дека нема смртни случаи како резултат на инфекцијата.
Од деветте ново заразени, седум се странски туристи кои биле тестирани при влегувањето во земјата.
Еден ден порано, Грција пријави 25 ново заразени, од кои осум се странски туристи.
Во Грција, инфекцијата досега е потврдена кај повеќе од 3.500 луѓе, од кои 192 починале.