Индија купува борбени авиони од Русија за 2,4 милијарди долари

Министерството за одбрана на Индија потпиша договор за купување 33 руски борбени авиони и надградба на 59 други авиони во вредност од 2,4 милијарди американски долари, за време на кризата со соседната нуклеарна сила Кина.

Набавката на 21 авион МиГ-29 и 12 Су-30 МКИ, како и подобрување на 59-те авиони МиГ-29, ќе донесе значителни засилувања на индиските воздушни сили, соопшти Министерството за одбрана, пренесува Ал Џезира.

Во соопштението се додава дека Министерството за одбрана го одобри домашниот развој на проектили за сите три гранки на армијата, муниција, како и напредните возила за пешадиска борба.

Одлуката за зајакнување на армијата е донесена поради „потребата од зајакнување на вооружените сили со цел да се заштитат границите и повикот на премиерот Нарендра Моди за посилна Индија“, се додава во соопштението.

Русија е индиски сојузник од периодот на Студената војна и најголемиот снабдувач на оружје во земјата.

Тензиите меѓу Индија и Кина доведоа до граничен конфликт на 15 јуни, во кој беа убиени 20 Индијци.