Поради зголемениот број на заболени од коронавирусот Австралија повторно размислува за воведување рестриктивни мерки

Втората најнаселена федерална држава во Австралија, Викторија, објави дека размислува повторно да воведе мерки за карантин, откако беше забележано најголемото дневно зголемување на случаи на коронавирус на нејзината територија во последните два месеци.

Иако многу австралиски држави и територии сè уште не ги објавија своите бројки, 75 нови случаи само во Викторија укажуваат на најголемото дневно зголемување за цела Австралија од 11 април. Зголемувањето на бројот на заболени предизвика загриженост за вториот бран на епидемијата во Австралија, откако дневниот број на заразени беше под 20 лица, веќе неколку недели.

Државата Викторија го зголеми бројот на тестовите за коронавирус, а здравствените власти најавија дека ќе размислат за повторно воведување на мерки за физичка оддалеченост.

Во мај, Викторија, држава со население повеќе од шест милиони, започна да ги укинува мерките воведени во април за забавување на ширењето на вирусот. Според првичниот план, скоро сите мерки требаше да бидат укинати до крајот на јуни.

Мерките се покажаа успешни во забавување на ширењето на коронавирусот, но ѝ наштетија на австралиската економија, која годинава ќе влезе во рецесија по три децении раст.

Премиерот Скот Морисон ги повика сите држави да продолжат да ги олеснуваат мерките за минимизирање на штетите на економијата.