Ако е за утеха, најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар е прогласен за првак на Македонија, во прекинатото првенство од сезоната 2019/20.

„Црвено-црните“ беа лидери цела сезона, а од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) по прекинот донесоа одлука избраниците на Васоски да бидат крунисани за шампиони.

Вардар пред прекинот имаше десет бода повеќе во однос на второпласираниот Силекс, а единаесет повеќе од тетовска Шкендија. Иако е шампион, Вардар нема да ја претставува Македонија во квалификациите за Лигата на шампионите, затоа што не доби европска лиценца.

„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на замрзнатата табела на МФЛ од натпреварувачката сезона 2019/20 година по одиграно 23 коло од ПМФЛ и 17 коло од ВМФЛ, со која првопласираните екипи од ВМФЛ-Исток и ВМФЛ-Запад се промовирани во ПМФЛ од натпреварувачката сезона 2020/21 и Вардар како првопласиран тим во натпреварувачката сезона 2019/20. Иако, како првопласираната екипа, Вардар доби можност да учествува во квалификациите од Лигата на шампиони, поради недобиената лиценца за УЕФА натпреварувања, Вардар нема можност да го искористи правото кое му следува како првопласирана екипа за натпреварувачка 2019/20“, се вели во соопштението на Фудбалската федерација на Македонија.

За македонскиот фудбалски бренд ова беше единаесетта титула во ПМФЛ во историјата, или вкупно 12 првенствена, заедно со онаа од југословенскиот шампионат. Во македонската Прва лига, „црвено-црните“ шампиони беа во сезоните: 1992/93, 1993/94, 1994/95, 2001/02, 2002/03, 2011/12, 2012/13, 2014/15, 2015/16, 2016/17, 2019/20.