Непознати лица со механизација го уништиле водопадот во селото Длабочица, Општина Старо Нагоричане, еден од најживописните и најзелени предели во Козјачието.

Вандализмот го забележале рекреативци и планинари, коишто викендов биле во планината, по што ги известиле надлежните во Македонски шуми и Општина Старо Нагоричане.

„Денеска заедно со градоначалничката и инспектор за животна средина  на Општина Старо Нагоричане излеговме на терен и потврдивме дека водопадот е оштетен. Со багер пробиен е пат во должина од околу 50 метри, а пренасочена е водата од речното корито и извадени се камењата на водопадот. Се претпоставува дека се диви копачи. Случајот ќе го пријавиме во полицијата, за да открие кој го уништил локалитетот“, велат од Македонски шуми, Куманово.

Од Општина Старо Нагоричане кажуваат дека тие немаат издадено дозвола за поправка или изградба на пат, ниту пак се известени дека ќе се одвиваат градежни работи на тоа место. Додаваат дека немаат ни право за тоа, бидејќи тој дел од планината ја стопанисува Македонски шуми. Згрозени се од вандалското однесување на поединци и велат дека е направена непроценлива штета на водопадот и на целиот еко систем.

Селото Длабочица се наоѓа на триесетина километри од Куманово, покрај водопадотот се наоѓа и планинарски дом, поради што е често посетувано од кумановци и љубители на природата од целата држава.

Шумата и водопадот во Длабочица претставуваа едни од ретките места на недопрена природна оаза во нашиот регион, каде луѓето имаа прилика да пешачат и да уживаат во природните убавини надвор од градскиот метеж.

„Како што може да се види веќе е пробиен и создаден пат за тешки товарни возила и веќе е упропастена природната камена подлога околу водопадот и самата река. А во најскоро време може да очекуваме и соголување на шумата околу самиот водопад, со што ќе биде нанесена непоправлива штета на оваа ретка природна оаза. Ова зборува за безосетноста и деструктивната тенденција присутна во сите пори на нашето општество која не остава ништо убаво, корисно и вредно да егзистира, напротив се она што има вакви својства мора да биде бездушно уништено“, велат луѓе кои биле на водопадот.

 

Планинарите од здружението „Козјак 2013“ од Куманово, остро реагираат на постојаното сечење и уништување на шумата на планината Козјак, за што никој не одговара.