Апликацијата за комуникација Вибер која е пети најголем сервис во светот ги прекинува сите односи со Фејсбук и не е единствена која тоа го направила со оглед на растечкиот број на комерцијални партнери.
Кампањата иницијално започнала во САД откако Фејсбук одбил да направи нешто по повод објавите на Доналд Трамп за кои критичарите велат дека поттикнуваат насилство. Незадоволството сега прерасна во меѓународно движење.
„Злоупотреба на кориснички податоци и неможноста да се спротиставиме на насилната реторика на Фејсбук, ги преминаа сите мерки, поради што Вибер презема соодветни мерки, како на пример суспендирање на закупот на рекламен простор и отстранување на сите точки на контакт од неговата платформа за да заштити повеќе од милијарда од нејзините корисници“, пишува во соопштението.
Главниот извшен директор на Вибер, Џамел Агауа изјави дека Фејсбук продолжува да ја толкува својата улога на погрешен начин во современиот свет.
„Компанијата што се карактеризира со несовесен став кон податоците на корисниците и недостаток на приватност во своите апликации, а сега и шокантен недостаток на неопходни мерки за заштита на јавноста од насилен говор што го загрозува општествениот поредок и мирот. Не дека ние сме толкувачи на вистината, но вистината е дека многу луѓе доживеале непријатности од неограниченото ширење на насилна содржина, а компаниите едноставно треба јасно да се спротивстават на овој феномен“, истакна Агауа.
Активностите што ќе резултираат со отстранување на точките за контакт со Фејсбук од апликацијата Вибер, ќе бидат завршени до почетокот на јули 2020 година, додека закупот за рекламен простор на Фејсбук веднаш ќе биде отстранет, пишува во соопштението.