Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара од Џафери да ја достави иницијативата за предвремена ратификација на протоколот за НАТО до Владата, а тие, пак, да поднесат закон. Се повикуваат на искуството од Црна гора, која пред две години го ратификуваше протоколот цел месец пред тоа да го стори Шпанија и неколку дена пред ратификацијата од Холандија. Велат дека, целта им е да спречат, ратификацијата да биде причина за одложување на предвремените избори, закажани во април.
Претседателот на Собранието вели дека негова законска обврска е да ја препрати иницијативата до Владата.
Иницијативата ја поддржува и Зијадин Села, кој пак, даде и конкретен предлог, за неа да се гласа веќе на седницата закажана за 11 декември. Потсети дека имаме и сличен внатрешен преседан, што треба да се повтори и сега.
СДСМ се против предвремена ратификација, убедени дека шпанскиот парламент ќе успее да го ратификува протоколот, пред да се распушти нашиот парламент. Ги обвинуваат ВМРО ДПМНЕ за лицемерие.
Ванчева вели дека се ќе биде појасно по денешната средба на премиерот со мандатарот на новата влада во Шпанија, Педро Санчез. Кралството Шпанија е единствената земја членка на НАТО која поради политичка криза и неможност да формира стабилна влада досега не го ратификувала Македонското членство во Алијансата.