Започнува изборната кампања, ова се агендите на најголемите партии за денес

Од денес започнува изборната кампања за престојните предвремени парламентарни избори.

На овие избори ќе настапуваат 15 коалиции и партии.

Во услови на пандемијата со Ковид-19 партиите најавија поинаква кампања од претходните изборни циклуси.

Грижејќи се за здравјето на граѓаните и целосно почитувајќи ги мерките за заштита од КОВИД 19 коалицијата „Можеме“ ќе организира изборна кампaња по строго утврдени протоколи, без митинзи и без посети на домови на семејства, изјавија од СДСМ.

Оттаму известуваат дека за подобра двонасочна комуникација со граѓаните, ќе се органзиираат средби со целни групи, како и мали трибини во контролирани услови и со точно утврден број на присутни, со целосно почитување на мерките и задолженијата од надлежните институции.

Првата мала, здравствено безбедна трибина ќе се одржи денес во Струмица од 20.30 часот на која ќе учествуваат носителите на изборната единица 4 ,претседателот на СДСМ Зоран Заев и Соња Мираковска.

Во текот на оваа недела централниот караван ќе одржи мали собири, целосно здравствено безбедни трибини и во Охрид (четврток) Велес (петок) Општина Центар (сабота) и Куманово (недела)

Од ВМРО-ДПМНЕ известуваат дека во текот на денешниот ден 24.06.2020 година, носителите на листите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе остварат средби со граѓани во следните населени места:

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе го посети Охрид, каде во 20:00 часот ќе има средба со граѓани.

Проф. д-р. Гордана Силјановска Давкова, носител на Изборна единица 1 ќе ја посети скопската општина Карпош, и ќе даде изјава пред платото на Драмски театар во 20:00 часот.

Владо Мисајловски, носител на Изборна единица 2  ќе го посети Ѓорче Петров, и ќе даде изјава за медиуми во 12:00 часот пред црквата Св. Петар и Павле.

Александар Николоски, носител на Изборна единица 4 ќе ја посети Струмица, и ќе даде изјава за медиуми во 12:00 часот, на плоштадот пред споменикот на Гоце Делчев.

Игор Дурловски, носител на Изборна единица 5 ќе го посети с.Велгошти, каде во 17:00 часот ќе даде изјава за медиуми.

Дафина Стојаноска, носител на Изборна единица 6  ќе го посети Тетово, каде ќе има изјава во 12:00часот пред црквата Св. Кирил и Методиј.