Според нашите информации и документи кои ги добивме, министерката за финансии, Нина Ангеловска, крие од јавноста податоци поврзани со недвижниот имот што го поседува, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што истакна тој, според добиените информации, министерката Нина Ангеловска, која на позицијата министер е неполна година, изминатиов период купила стан од околу 100 квадратни метри со локација во Градскиот парк во Скопје, во вредност од над 100.000 евра.
„На сајтот на антикорупциската комисија во информациите за имотот на функционерите, односно конкретно за имотот на министерката Нина Ангеловска ќе видите дека таа нема пријавено и не поседува никаков стан“, додаде Арсовски, кој истакна дека поради ваквата ситуација се наметнуваат неколку прашања.
„Дали Нина Ангеловска сака да го изигра законот и да го сокрие станот со кој се стекнала изминатиов период?“, јавно праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и подвлече дека министерката е должна и има законска обврска даѝ објасни на јавноста зошто го крие станот и вклучително на кој начин е стекнат овој стан.