Ангеловска: Членството во НАТО отвора пазар од неколку милијарди евра за нашите компании

Економскиот раст забрзува за 2 процентни поени во просек кај земјите кои пристапиле во НАТО. Со влегувањето во Северноатланската Алијанса за македонските компании се отвора нов пазар од неколку милијарди евра, додека политичката сигурност ќе ги стимулира инвестициите што ќе доведе до креирање на нови работни места, зголемување на обемот на трговијата и забрзување на економскиот раст и развој. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на НАТО караванот во организација на Инфо центарот за евроатлански интеграции и граѓанската асоцијација Мост, кој се одржа во Прилеп.

Министерката за финансии истакна дека со пристапувањето во НАТО за домашните компании се отвора можноста да учествуваат на јавните набавки во системот на НАТО. Станува збор за пазар за сервисни продукти како набавка, оперативна подршка, транспорт, одржување, кодификација, услуги во сајбер безбедност итн..

-Јaвните набавки во системот на НАТО се базирани на едноставни и смарт правила што овозможуваат брз и флексибилен процес на набавка преку 3 клучни начела: транспарентност, еднакви можности и еднаков третман. Затоа би рекла дека ова е голема шанса за нашите компании, но и тест за конкурентноста на домашната понуда.Особено голем потенцијал за работа се јавува за ИТ компаниите кои можат да добијат работа и како субконтрактори, но и за останатите компании.-рече Ангеловска.

Таа посочи политичката сигурност ги стимулира инвестициите – и странските и домашните, што пак влијае на зголемување на бројот на работните места, намалување на невработеноста и зголемување на обемот на трговија. Тоа резултира со економски раст и развој и подигнување на животниот стандард.

-Пристапувањето во НАТО носи значајни придобивки во поглед на приливите на странски директни инвестиции. Во просек, во земјите од Централна и Југоисточна Европа кои се приклучија во НАТО во периодот помеѓу 1999 и 2009 – ако се споредува периодот 5 години пред и после приклучувањето – СДИ се покачуваат од 4,5% од БДП на 7,4% од БДП рече Ангеловска и посочи дека покрај странските се зголемуваат и бруто-инвестициите во просек во периодот пет години пред и по пристапувањето во нато за 6 процентни поени.

Таа посочи дека како се земе просекот од пет години пред и по простапувањето во НАТО за земјите кои станаа членки во 2004 година просечната стапка на невработеност се намалува за 5 процентни поени. За исто толку се зголемува и обемот на трговија.

-Сето ова резултира со забрзан економски раст и со подигнување на животниот стандард на граѓаните. Така ако го гледаме номиналниот БДП по глава на жител усогласен со паритетот на куповна моќ покажуваат раст на овој показател од 7% просечно пет години пред зачленувањето на 10,2% по зачленувањето- рече Ангеловска.

Таа како пример ги даде и земјите во регионот како Црна Гора, Албанија и Бугарија каде има висок раст на странски директни инвестиции и подобрување на економските перформаси по влезот во Алијансата.