Претседателот на државава нема да прогласи нова вонредна состојба. Средба на Заев и Мицкоски вечерва кај Пендаровски

Претседателот на државава Стево Пендаровски во своето обраќање истакна дека во овој момент нема потреба да прогласи нова вонредна состојба имајќи предвид дека се обезбедени доволни количини на медицинска и заштитна опрема и донесени се мерки за поддршка на националната економија.

„Претходните вонредни состојби ги прогласив поради потребата, во отсуство на парламент, владата да носи уредби со законска сила за да се избориме со пандемијата на #COVID19 и последиците од неа. Оваа одлука никако не е поврзана со одржувањето на предвремените парламентарни избори, кои може да се организираат и за време на вонредна состојба“, изјави Пендаровски.

Тој ги повикува претседателите на најголемите партии во власта и во опозицијата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски за да најдат излез од оваа ситуација со ставање на државните интереси над личните и партиските.
Во спротивно, како што кажа, ќе создадеме простор за уште поголема внатрешна криза и нема само да ја доведеме под прашање нашата европска перспектива, туку, многу поважно, ќе ги поткопаме нашите напори да излеземе на крај со пандемијата за што ни е потребен јасен државен консензус и стабилни институции.
Според неофицијални избори средбата кај Пендаровски со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ќе се одржи во 18 часот.