Утринава е облачно, а на места се уште провејува слаб снег и дува слаб до умерен северен ветер. Снегот кој синоќа заврна, како и ветрот, придонесоја утрово да се разбудиме во чист воздух. Мерните станици покажуваат ниски стапки на PM 10 честички.
На планините од утринава има снег. Најмногу снег има наврнато во Маврови Анови 11 сантиметри, додека во Берово снежната покривка изнесува осум сантиметри и на Попова Шапка шест сантиметри.
Снег има и во Пожаране девет сантиметри, во Крива Паланка, Лазарополе и Штип три сантиметри, во Тетово и Крушево два сантиметри и во Битола еден сантиметар. Снег нема само на крајниот југозапад и крајниот југоисток од државата.
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно и студено време со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Дневната температура ќе биде во интервал од -1 до 5 степени.