Строгите мерки за изолација, вклучително и затворањето на продавниците и училиштата, ја намалија стапката на пренесување на новиот коронавирус во Европа доволно за да го доведат неговото ширење под контрола со што можеби се спасија повеќе од три милиони смртни случаи, соопштија научниците.
Во студијата за влијанието на мерките за изолација во 11 држави, научниците од Империал колеџ во Лондон велат дека драконските мерки, воведени претежно во март, имаат значаен ефект и помогнаа да се намали стапката на репродукција на болеста под еден до почетокот на мај.
Стапката на репродукција покажува колку луѓе се инфицирани во просек. Стапка поголема од 1 може да доведе до експоненцијално ширење на инфекцијата.
Научниците од Империал колеџ проценуваат дека од почетокот на мај меѓу 12 и 15 милиони луѓе во 11 земји (Австрија, Белгија, Велика Британија, Данска, Франција, Германија, Италија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Швајцарија) биле заразени со вирусот.
Споредувајќи го бројот на смртни случаи со бројот на смртни случаи предвидени со нивниот модел доколку не биле воведени мерки, тие откриле дека се спречени околу 3,1 милиони смртни случаи.
Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието „Nature“.
Втората студија на американските научници, исто така објавена во списанието „Nature“, процени дека мерките за изолација во Кина, Јужна Кореја, Италија, Иран, Франција и САД спречија или одложуваат околу 530 милиони случаи на инфекција.