Мицкоски за изборите: Подготвени сме за компромис, но треба да се следи ситуацијата

Во врска со датумот за избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека пред новонастаната ситуација, практично до петокот кога го имавме продолжувањето на овој пик, спомена дека имало канал за комуникација, кога се разговарало за можни сценарија за одржувањето на предвремените парламентарни избори.

„Од петокот воопшто нема канал за комуникација на кој што се соопштуваат позициите, бидејќи ситуацијата алармантна, оттогаш наваму имаме неколку десетици луѓе кои ги загубија животите, неколку стотици кои се инфицирани, неколку илјади кои се во карантин и навистина не се чувствувам пријатно да зборувам за евентуална дата за избори кога се случуваат овие работи“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека се подготвени за компромис, но дека треба да се следи ситуацијата, и да се следи како ќе се движи интензитетот на новиот бран или продолжениот бран на ковид-19 вирусот па дури потоа да се зборува за избори.

„Ќе кажам две суштински работи, првата е не убедуваат дека треба да научиме да живееме со пандемијата, да  сите сме свесни, одговорни луѓе сме, дека треба да научиме да живееме дека таа ќе биде присутна додека не се изнајде вакцина, но не можам да живеам со пандемијата кога имаме 80 или 90 или пак 40-50 луѓе кои се новозаболени и по 5-6 или 7 луѓе кои го губат животот. Да зборуваме за бројки кои се блиску до нулата и нула починати како што тоа е случајот во нашето соседство во Црна Гора, Словенија, би рекол и во Хрватска, па и во седна Бугарија и во Грција. Имаме повеќе заболени од цел Балкан заедно. Ова навистина не може да се квалификува како ситуација во која што јас сакам да живеам, одбивам да сакам да живеам во таква ситуација. Тие што мислат дека тоа е прифатливо да губиме по неколку човечки животи на ден, нека живеат во таква ситуација. Јас не можам да живеам и не сакам и ќе се борам што е можно повеќе да оваа ситуација замине од нашата држава, како опозиционен политичар онолку колку што имам алатки на располагање“, изјави Мицкоски.