Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се обрати на нацијата после насилните протести ширум САД поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд кој беше убиен при апсење од страна на полицијата.
Доналд Трамп се закани дека ќе ја испрати војската на улиците на американските градови за да им стави крај на граѓанските протести, кои уследија по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше убиен од полицијата во Минеаполис минатиот понеделник. Тој кажа дека градовите и сојузните држави не успеале да ги исконтролираат протестите и да ги одбранат своите жители.
„Ќе ја распоредам армијата и брзо ќе го решиме проблемот“, изјави Трамп.
„Јас сум вашиот претседател на законот и редот“, порача Трамп, нагласувајќи дека е сојузник на сите мирни протести, но веднаш потоа започна со многу поостри и заканувачки пораки.
Трамп порача дека на нацијата ѝ е потребна сигурност, а не анархија и притоа протестите ги окарактеризира како „чин на домашен тероризам“.
„Силно му препорачав на секој гувернер на улиците да изнесе доволен број на Национална гарда за да доминираме. Градоначалниците и гувернерите мора да воспостават преовладувачка присутност на припадниците на силите се додека насилството не биде сузбиено. Доколку некој град или сојузна држава одбијат да ги преземат потребните мерки за заштита на животите и имотот на своите жители, јас ќе ја ангажирам војската и веднаш ќе го решам проблемот“, порача Трамп.