Грета Тунберг во вторникот пристигна во Лисабон, Португалија, откако по втор пат го мина Атлантикот оваа година.
„Луѓето ја потценуваат силата на лутите деца“, рече Тунберг пред толпата новинари и поддржувачи.
16-годишната активистка зборуваше откако пристигна во пристаништето во Лисабон, после поминати повеќе од две недели низ Атлантикот во катамаран.

Тунберг изјави дека ќе помине неколку дена во Лисабон, пред да замине за Мадрид, каде во тек е самитот за климата COP25 и каде што ќе работи на тоа да ги обезбеди „гласовите на идните генерации“.
Тунберг исплови на 48 стапки долгиот катамаран, наречен Ла Вагабонд, со австралиска двојка, која патува низ светот со своето новородено дете со брод и објавува за нивното искуство на YouTube.
Таа беше во САД од август, каде се сретна со групите активисти за климатски промени низ цела Северна Америка.
Младата активистка првично планирала да остане во Америка многу подолго, полека тргнувајќи во Јужна Америка, каде се очекуваше Чиле да биде домаќин на состанокот COP25.
Но, откако избувна бран протести во Чиле земјата објави дека не може да биде домаќин на разговорите, а Шпанија го понуди Мадрид како алтернативно место.