Почина индискиот јоги кој 80 години ниту јадел ниту пиел

Индискиот јоги, кој тврдеше дека ниту јадел ниту пиел цели 80 години, а бил предмет на медицински истражувања, како и сомневања, починал на 90-годишна возраст, објави неговиот сосед, а пренесоа медиумите.

Прахлад Јани, аскет со долга брада и прстен во носот моделиран по хинду-божица, е роден во селото Гандинагар во сојузната држава Гуџарат (западна Индија) и за време на животот тврдеше дека престанал да пие вода и да јаде на 11-годишна возраст.

„Тој почина во вторникот наутро од старост во неговиот дом“, изјави неговиот сосед Шетал Чадури за АФП.

Јани тврдеше дека божицата го благословила како дете и му дала посебни моќи.

„Го добивам еликсирот на животот преку дупка во моето непце, што ми овозможува да живеам без храна и вода“, изјави тој за Агенцијата Франс Прес уште во 2003 година.

Невозможно е да се провери дали јоги земал храна и вода во текот на тие децении.

Според лекарите невозможно е човечкото тело да пости толку долго.

Со својот аскетизам, тој успеа да воспостави мала заедница на верници, а исто така го привлече вниманието на научниците. Индиските медицински екипи го набљудувале во два наврати во 2003 и 2010 година.

За време на втората студија, тој бил постојано набљудуван од камери кои покажале дека тој издржал две недели без храна и пијалок, а во тој период не уринирал или дефекализирал, што ги зачудило лекарите што го гледале.

„Овој феномен останува тајна“, рече неврологот од тимот на лекари кои го забележаа тоа.