Македонската економија може полесно да дише откако и официјално доби потврда дека е обезбеден купувач за издадената еврообврзница, седма во историјата на државата. пишува „Дојче Веле“.
Среде криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, земјата обезбедува 700 милиони евра кои и тоа како ќе му дојдат добро на буџетот кој веќе покажува знаци на хронична неликвидност. Наместо првично најавуваните или очекуваните 800, обезбедени се 700 милиони евра, по каматна стапка од 3,675 отсто што е втора најниска камата од сите досега издадени обврзници.
Од Владата се задоволни што процесот е успешно заокружен:
„Ова ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време на ковид-19 кризата, најголема економска криза по Големата депресија, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите за кризата“, соопштија од министерството за финансии.
Она што изненадува е податокот дека интересот кај странските инвеститори за македонската еврообврзница бил поголем. Како што тврдат од министерстввото за финансии, дури за пет пати од износот кој бил издаден.