Во италијанскиот регион Кампанија, познат по озлогласениот мафијашки клан Камора, деновиве мафијашите се натпреваруваат со државата, црквата и хуманитарните организации: дистрибуираат храна, но и пари на оние на кои им се потребни. По 50 евра на рака на секој.
„Обично бараат пари, а сега ги даваат. И тие даваат во мали количини, но потоа ќе побараат нешто за возврат“, вели Луиџи Кумо.
Тој е раководител на организацијата „СОС Импрес“, која им помага на малите и средни претпријатија доколку криминалците им бараат пари за „заштита“, т.н. „рекет“.
Парите не се проблем за мафијашите, нивниот проблем е како да ги „исперат“ и да ги воведат во правен промет – особено во Италија, која има еден од најстрогите закони против перењето пари. И бидејќи компаниите не работат заради коронавирусот, нема смисла да инсистираат на „рекет“.
Мафијашите не простуваат
Се разбира, помошта на мафијашите не би била потребна доколку државата им помогне на населението и на компаниите брзо и ефикасно. Но, Кумо вели дека има хаос и сето тоа трае вечност. Парите на криминалците се за многумина последното средство пред банкрот. Сепак, државата не седи мирно: во неодамнешната акција низ цела Италија, запленет е имот вреден околу 15 милиони евра. Но, дури и тоа се само дел од парите што криминалците ги имаат на располагање.
Патем, „италијанскиот метод“ против перење пари е многу едноставен и прашање е зошто многу други земји не го вклучуваат во нивното законодавство. Соочен со обвинението дека незаконски стекнал имот, обвинетиот мора да докаже дека тој го стекнал имотот на чесен начин, а не обратно, обвинителите да докажуваат дека парите потекнуваат од кривично дело. Ако тој не може да го докаже изворот на парите, имотот може да се одземе.
Според евиденцијата на Националната канцеларија за управување со средства запленети од организиран криминал (ANBSC), покрај огромните количини на подвижен имот, во изминатите дваесет години се запленети над 65.000 недвижнини: земјиште, компании, згради или градилишта. Истиот закон предвидува дека овие недвижнини се користат за проекти од социјално значење и, како по правило, им се остава на општините да најдат нова намена за нив.
Потребни се пари за да се борат
Ренато Натале, градоначалник на малиот град Касал ди Принцип во Казерта, доби голем број вакви конфискувани имоти. Највлијателниот клан Камора, семејството Казалеси, потекнува од Казерта. Но, за да може да се пренаменат мафијашките недвижнини, Натале мора да користи средства од градската каса, а во ерата на короната, тоа е проблемот. Досега тој успеа да пренамени само околу 65 проценти од запленетиот имот.
Најголемата загриженост на Натале сега е пандемијата и нејзините последици.
„Прехранбената индустрија, угостителството и градежништвото се главните индустрии овде. Но, сè мораше да запре тука“, се жали Натале.
Повеќе од 1.200 семејства побараа од него 500 евра помош со ваучери. Дел од тоа мора да се плати од градската каса, што значи дека нема пари за реновирање на имотот на криминалците. Во исто време, мафијашките не заборавија што е донесено од нив, вели Луиџи Кумо.
„Кога клановите ќе видат дека недвижностите сè уште стојат, сметаат дека сепак им припаѓаат на нив. И, тогаш им покажуваат на луѓето дека се уште се таму“.
Бирократијата е исто така проблем. Иако има судска одлука, понекогаш потребни се повеќе од десет години се додека сопственоста од националната канцеларија АНБСК не се пренесе на локалната власт.