Денес се одржа судењето за случајот „Рекет“, во кој обвинети се Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец.

Утрово во судот од домашен притвор беа донесени Јанева и Кичеец, во придружба на полицијата, а по едночасовно доцнење дојде и Бојан Јовановски, познат како Боки – 13, придружуван под рака од страна на полицаец поради неговата лоша здравствена состојба.

Откако Боки – 13 се пожали дека не е во состојба да го следи судењето, следеше пауза за време на која беше прегледан од лекари, кои констатираа дека може да остане на судењето. Му беше даден дијазепам поради покачен притисок и болки во абдоменот, како резултат на стресната ситуација.

На рочиштето полномошникот на Јордан Камчев побара 1,5 милиони евра оштета од обвинтетите Катица Јанева и Бојан Јовановски, но судијката по консултација со обвинителката Рускоска не прифати такво нешто, бидејќи за ова дело не постоеле сведоци. Судијката му дозволи на полномошникот на Камчев да го следи судењето само како јавност.

Откако тројцата обвинети беа прашани дали ги признаваат делата и дали се чувствуваат виновни, на тоа Боки 13 рече дека не чувствува вина, Јанева дека нема ни тронка вина, а пак на изненадување на сите Кичеец потврди дека се чувствува виновен и го призна делото. На тоа судијката објасни дека за него постапката ќе биде издвоена, по што тој ја напушти судницата, а утре напладне ќе му биде изречена пресуда.

Обвинителката Вилма Русковска го почна образложението за обвинетите во случајот „Рекет“ со изјавата: „Имаше еден филм Чарлиевите ангели имаше и една госпоѓа Катица Јанева која влезе во тој филм, мислејќи дека никој ништо не и може. Но, влезе во мрежата на самонаречената естрадна ѕвезда Бојан Јовановски, познат како Боки 13“. Таа најави дека во текот на судењето ќе слушнеме како преку Кичеец, Боки 13 стапил во контакт со Ана Камчева. Според неа, тука не станува збор дали некој е виновен, туку дека се барале пари да не бидат виновни.

Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, во негова одбрана истакна дека обвинението не може да биде докажано и оти се само индиции. Според него, судот не може да докаже дека обвинетиот земал пари од Ана Камчева бидејќи тој во тоа време бил во болница.

За снимката пак која го обиколи светот, Дуковски рече дека на неа се гледаат некакви пари и како двајца излегуваат од куќата. Од Боки 13 се одземени 71 вреќа гардероба за која Обвинителката вели дека потекнуваат во периодот ноември 2018-2019 година. Во текот на процесот ние ќе докажеме дека таа е од 2013 година-објасни адвокатот.

Боки – 13 истакна дека нема никаква вина и оти е жртва на една поголема игра, во овој случај кој не сака да го именува како „Рекет“. Тој и забележа на Обвинителката Русковска што го нарече самонаречена естрадна ѕвезда и оти тоа треба да и служи на чест. Според Бојан Јовановски, Русковска била чест гостин во „1 ТВ“ и колку што бил во ресторан со Јанева бил и со Русковска.

Русковска, пак, после таа изјава на Јовановски рече дека со него седела само еднаш, итоа на отварањето на „1 ТВ“.

Во својата одбрана трето осомничената во случајот „Рекет“, Катица Јанева, уште еднаш истакна дека не се чувствува виновна, и оти е горда што била на чело на специјалното обинтелство и што го предводела тимот на обвинетели.

За време на денешното судење во случајот „Рекет“, првоосомничениот Бојан Јовановски изнесе нов момент кој целосно може да го промени текот на настаните. Иако Обвинителството ги терети осомничените дека зеле 1,5 милиони евра од брачната двојка Камчеви, досега не се откри каде се парите.„Ќе сведочам за организаторите и помагачите на овој настан и ќе поднесам кривични пријави. Камерите од куќата на моите родители ќе докажат кој заминува со торбата и каде“, изјави Јовановски.

Адвокатот на Бојан Јовановски, по денешното рочиште за „Рекет“, изјави дека ги чека тежок процес. „Бојан Јовановски не тврди дека зел пари и немам поим какви докази има во усб стикот. Тоа е усб-стик со сериозни докази. Што се однесува до снимките кои ги најави Јовановски, ти ќе бидат презентирани, ќе ги видите“, истакна Дуковски.

Новото рочиште за „Рекет“ е закажано за 6 Декември, кога исказ ќе дадат сведоците Јордан и Ана Камчеви.