На денешната одржана седница, Собранието на МАНУ усвои Повелба за македонскиот јазик во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на Академијата во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.

Како што соопштува МАНУ, Повелбата ги зацврстува ставовите на оваа Академија за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела. На тој начин, МАНУ ја истакнува својата определба дека најдобра заштита на македонскиот јазик е создавање услови за остварување на неговата улога на значаен фактор на општествената и културната интеграција во државата. Тоа е единствено можно преку систематско и координирано научно проучување и обработка на македонскиот јазик на сите нивоа, како во домашни, така и во меѓународни рамки, се вели во соопштението.

Повелбата за македонскиот јазик ја истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка улога во однос на приоритетните и фундаменталните научни истражувања на македонскиот јазик со другите научноистражувачки и високообразовни установи, стои во соопштението на МАНУ.