Одлуката за отворање на угостителските објекти е денеска на дневен ред на Владината седница. Откако Комисијата за заразни болести ги достави препораките до Илиндеска бр.2, владините министри ќе треба да одлучат по кои критериуми ќе го рестартираат угостителскиот сектор.

Ограничен број на посетители, растојание помеѓу масите, можност да функционира само терсата или летната бавча на објектите, се само дел од препораките на Комисијата за заразни болести со кои не се согласуваат угостителите за повторно отворање на рестораните, кафеаните и кафе баровите.

“Со вакви строги кретириуми голем дел од компаниите од угостителскиот сектор ќе немаат никаква економска оправданост да ги отворат своите локали”, вели за Денар Мартин Ангеловски прв човек на угостителската комора.

„Би сакал да потенцирам дека отварањето со дозволен капацитет од 20-30% од постоечкиот е фактички само одложено затворање, без никаква економска логика, бидејќи големите трошоци на работењето како кирија, камати, плати за вработените, електрична енергија, вода и сл остануваат исти, а се очекува да се задржат вработените. Да ве потсетам дека сме целосно затворени март и април, а еве и мај поминува, ќе продолжиме со работа со максимум 30% најверојатно до следното затворање. Доколку може некој да најде математика и логика во вакво работење, слободно нека ни ја објасни“, изјави Мартин Ангеловски претседател на Комората за угостителство при Сојузот на Стопански комори.

Најголем револт кај угостителите има што властите наложуваат една маса на отворените тераси да биде во радиус од без малку десет метри квадратни. И на таа маса да може да седат најмногу четири лица, но само во случај тие да се од потесното семејство.

Доколку не се роднини ќе може на истата маса да седат само две лица. Дополнителен проблем на угостителите им претставува и предлог протоколот кој не дозволува во прво време за гости да функционира и внатрешниот дел од објектот, туку гости само да се примаат на летните тераси.