По речиси шест месеци судење, случајот „Рекет“ влегува во финишот. Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да се започне со давањето на заврши зборови. Прва тоа треба да го направи обвинителката Вилма Русковска, а потоа и адвокатите и обвинетите.

По ова ќе остане само изрекувањето на пресудата од првостепениот суд. Судскиот процес го води Васка Николовска-Масевска, како прв судија, и Софче Гаврилова-Ефремова, како втор судија, како и тројца поротници кои се дел од судечкиот совет.

Судскиот процес започна на 3 декември 2019, а на обвинителна клупа седнаа Бојан Јовановски – Боки 13 како обвинет за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со нив седеше и Зоран Милески – Кичеец обвинет за примање награда за против законито влијание, но само на првото рочиште бидејќи призна вина и веќе наредниот ден (4 декември 2019) доби затворска казна од три години.