Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје соопшти дека ниту едно од критичните новороденчиња во инкубатор не било доведено во животнозагрозувачка состојба ниту пак имало влошување на нивната првобитна здравствена состојба откако вчера попладне имаше краток прекин на електрична енергија.

Од Клиниката посочуваат дека службите веднаш реагирале и во најкус временски период ситуацијата била ставена под контрола. Сите новороденчиња на Одделението за интензивна нега и терапија се стабилни. На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство има повеќе механизми за заштита и безбедносен систем, а секој витален апарат е поврзан на UPS, опција која е во функција додека не се вклучи агрегатот. Ниту еден процес на Клиниката не беше загрозен во кусиот период кога остана без напојување со електрична енергија, стои во соопштението од ГАК.