Српските медиуми: „Алкалоид“ донираше повеќе од 80.000 евра за пациентите на дијализа во Србија

Компанијата „Алкалоид“ од Белград му донираше на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ материјал за дијализа во вредност од 80.000 евра, објавија српските медиуми.

Целта на оваа донација е придонес за подобрување на специфичните услови за работа на здравствените работници во нивната благородна мисија во услови на пандемија, како и олеснување на третманот на пациентите на дијализа во Република Србија.

Донираниот материјал за дијализа е дел од јавната набавка на материјал за дијализа која ја спроведува РФЗО, како нарачател за потребите на здравствените институции во Србија.

Водени од начелата за корпоративна општествена одговорност, како и хуманата програмско-производствена определба, пред сѐ, насочена кон крајните корисници, „Алкалоид“ од почетокот на годинава на здравствените институции и здруженија во Македонија и во регионот по разни основи им донираше повеќе од 300.000 евра за набавка на реагенси, лекови, апаратура, средстава за хигиена и за слични потреби. Покрај донациите во Македонија и во Србија, „Алкалоид“ од почетокот на април годинава реализираше донации и во Бугарија, Босна и Херцеговина и во Хрватска.