Секоја година извештаите на ДЗС покажуваат дека една третина од ѓубрето не завршува на депонија туку се расфрлува низ природата, а надлежните откако 12 години не успеја да воведат регионални фабрики за преработка на отпадот, најавуваат нов закон.

Луѓето низ Македонија лани во природата расфрлале или запалиле 283.459 тони ѓубре, односно толкава е разликата помеѓу комуналниот отпад што Македонците го создале (915.943 тони) и оној што комуналците го собрале и го фрлиле на куповите наречени општински депонии (632.484 тони). Овие податоци се објавени во најновиот извештај на Државниот завод за статистика за комуналниот отпад во 2019 година и даваат поразувачки увид за тоа до каде стигнала Македонија после помината една петтина од 21-от век, кога светот наголемо ги реупотребува материјалите и го рециклира отпадот, а луѓето се повеќе  го намалуваат обемот на ѓубре што тие лично го создаваат.

Без комунални услуги се 400.000 граѓани!

Бројките на Статистика „врескаат“ дека дека се уште дури 22 отсто од населението, фантастични 400.000 граѓани не користат комунални услуги. Тоа е главно населението во селата и во овој факт се наоѓа дел од одговорот зошто скоро 300.000 тони ѓубре секоја година се расфрла во природата. Од друга страна и фрленото ѓубре на депониите често пати не се задржува таму, како на пример она во Кичево, каде општинската депонијата е на самата река Треска, па нејзини делови оттаму пловат низ целата држава.

Извештајот на Статистика нуди уште еден поразителен податок дека Македонецот создава се повеќе ѓубре – во 2008 година еден жител создавал 349 килограми годишно, што е помалку од килограм на ден, а во 2019 стасал до 456 килограми годишно, што е 1,25 килограм на ден.

„Во 2019 година вкупното количество на создаден комунален отпад е за 10,7 отсто повеќе од претходната 2018 година“ се вели во извештајот.

Според овој документ, од собраниот отпад најголемо е количеството на измешан комунален отпад (542.664 тони), а најмало е количеството на отпад од гума (778 тони). Одвоено се собрани и одредени количества на хартија, стакло, пластика, метал, органски отпад и текстил ама вкупната количина на овие одвоени секундарни суровини изнесува едвај 80.000 тони.

Според Статистика, најзагрозен е Југозападниот регион (Охрид, Струга, Кичево итн) каде се создадени 162.000 тони отпад, а се собрани само 43.000 тони отпад!

Извор: Слободен печат