Веќе неколку денови по ред најголем дел од акциите кои котираат на Македонска берза ја зголемуваат својата вредност. Пандемијата од коронавирусот што ги зафати светските берзи, веќе полека, но сигурно станува минато.
Кај инвеститорите во Македонија се врати довербата, а тоа најмногу се гледа со движењето на индексот МБИ10 кој ги содржи десетте најликвидни хартии од вредност на котираните акционерски друштва.
Последниот ден за тргување на Македонска берза беше во знакот на растот на вредноста на акциите, а најголем пораст на вредноста забележаа акциите на Тетекс АД Тетово и Алкалоид АД Скопје, кои забележаа раст од високи 4,47% односно 3,64 проценти соодветно.
Пораст на вредноста на акциите забележаа и Макпетрол АД Скопје од 3,52%, Комерцијална банка АД Скопје од 2,83% и НЛБ Банка АД Скопје од 2,80%.
Раст остварија и акциите на Стопанска банка АД Скопје и Гранит АД Скопје.