Швајцарија со промена на ставот за пренесување на коронавирусот: Внуците ќе може да ги гушнат бабите и дедовците

Швајцарската влада вчера објави дека е безбедно внуците да ги прегрнат своите баба и дедо, што претставува промена во официјалната позиција во врска со ширењето на коронавирусот.

Главниот епидемиолог во швајцарското Министерство за здравство, Даниел Кох, објави дека научниците заклучиле дека малите деца не го пренесуваат вирусот.

Но, тој истакна дека ваквите средби треба да бидат кратки, а не да се однесуваат и за чување на децата.

Швајцарија е една од европските земји што започна да ги ублажува мерките за борба против коронавирусот.

Игротеките за деца и фризерските салони се отворени оваа недела. Училиштата и разни продавници ќе се отворат во наредните две недели.

Д-р Кох на прес-конференција рече дека претходните совети за одржување на растојание меѓу внуците и бабите и дедовците биле бидејќи помалку се знаело за начините на пренесување на вирусот.

„Малите деца не можат да го пренесат вирусот“, рече тој. „Тие едноставно немаат рецептори што вирусот може да ги прифати“.

„Многу баби и дедовци живеат да ги видат своите внуци и ова е важно за нивното ментално здравје“, рече Кох, додавајќи дека децата не ги загрозуваат своите постари роднини, туку нивните родители.

Промената во официјалната позиција на Швајцарија дојде по консултација со експерти од Универзитетот во Цирих, Берн и Женева, објави швајцарската телевизиска станица СРФ. Советот, се разбира, не се однесува на внуците кои покажуваат знаци на болест.

Сите не се согласуваат со швајцарското мислење

Германскиот виролог Кристијан Дростен е повнимателен, тврдејќи дека сè уште не може безбедно да се заклучи дека малите деца не можат да го пренесат вирусот. Различни студии зборуваат за тоа поинаку, рече тој.

Во Велика Британија, пренесува Би-Би-Си, сè уште се препорачува децата да немаат никаков контакт со бабите и дедовците.