Кривичниот суд Скопје од денес започнува со судењето на екс специјалната обвинителка Катица Јанева, заедно со Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски, викан Кичевски.
Судијката Васка Николовска-Масевска ќе го води предметот, за која овој е прв случај од ваков профил.
Според обвинението, екс специјалната обвинителка Катица Јанева е обвинета за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, според член 353, за кое што дело Кривичниот законик предвидена казна од најмалку 3 години затвор.
Бојан Јовановски е обвинет за две дела и тоа за „Примање награда за противзаконско влијание“ и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за кои дела според Кривичниот законик е предвидена казна, од 1 до 10 години затвор.
Зоран Милевски е обвинет за „Примање награда за противзаконско влијание“.
Од тројцата обвинети Милески и Јанева ќе доаѓаат на суд од домашен притвор, а Јовановски ќе биде спроведуван од притворот во Шутка.
За време на судењето се очекува во судницата јавно да сведочи и бизнисменот Јордан Камчев кој и го пријави случајот, тврдејќи дека обвинетите му изнудувале пари за да му ја олеснат позицијата како осомничено лице во случајот на СЈО „Империја“.
Обвинението во кратки црти:
Според обвинението, по притворањето на Јордан Камчев за случајот „Империја“ што го водеше СЈО, обвинетите Јовановски и Милески заради блискоста што ја имале со Катица Јанева од сопругата на Камчев зеле 500.000 евра за мерката притвор да му биде заменета со мерка куќен притвор.
Додека Камчев е на издржувањето на мерката куќен притвор, според обвинението, Јовановски и Милевски го посетуваат дома и му бараат 8 милиони евра доколку СЈО со одлука на Врховниот остане овластен тужител во предметот против него.
Доколку Врховниот суд одлучеј дека СЈО нема надлежност на предметот тој да им даде 5 милиони евра за Катица Јанева да го направи заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него спогодба за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета.
На 20 февруари годинава, Камчев плаќа еден милион евра што можеше да се види од снимките кои излегоа во јавноста. Се на се’ околу 1,5 милиони евра завршиле кај Кичевски и Боки 13, а кај Катица Јанева околу 50.000 евра во кеш и 5 илјади евра во мебел.
Сеуште останува мистерија каде се парите.