Во текот на вчерашниот ден во фабриката Макохемија во близина на старата фабрика МЗТ солна киселина се излеала од цистерна. Случајот го пријавил советник во општина Гази Баба, откако во околината се почувствувала неподнослива миризба.

Наместо Државниот инспекторат за животна средина кој има обврска, на терен излегол градскиот инспекторат. Оттаму велат дека компанијата веќе 15 години работи на истата локација без елаборат за заштита на животната средина.

– Истечена е мала количина. Веднаш е реагирано. Стопирано е истекувањето. Преземени се сите мерки. Така што веќе таму е санирана ситуацијата, вели инспекторот Мирослав Богдановски.

Советникот Дејан Димовски, кој го пријавил случајот апелира до граѓаните да се охрабрат да ги пријавуваат загадувачите.

– Тоа беше еден поголем облак веќе излезен надвор од погонот и се ширеше накај населбата. И како што реков претходно, многу мирисаше и многу штипеше. Се работеше за некоја хаварија и присутните што беа таму потврдија дека се работи за хаварија и работеа на проблемот да го средат тоа. Додека бев таму слушнав дека не било пријавено од нивна страна, вели советникот во општина Гази Баба, Димовски.