Денес Уставниот суд се обрати со соопштение по повод различните толкувања на неговата работа во јавноста по повод иницијативата за оценување на уставноста на членот 11а од Законот за поилување.
Во прилог е интегралниот текс на соопштението:
На 27.11.2019 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија, по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување,Судот расправаше и донесе Решение за поведување на постапка за оспорениот член од Законот. Постапката по предметот е во тек.
Уставниот суд со внимание ги следеше написите, коментарите, изјавите на претставници на одредени државни органи, дел од медиумите и поедини експерти во кои беа изнесени невистини, обиди за прејудицирање на одлуките на Уставниот суд и невистинито информирање за исходот на гласањето, но и необјективни и нестручни коментари.
Судот смета дека со коментарите и прејудицирањата, се врши директен упад и притисок за нормално функционирање на Судот и неосновано се повредува угледот на Судот и честа и личноста на уставните судии.
Темелни вредности на нашиот уставно-правен поредок, покрај другите, се владеењето на правото и поделбата на власта.За Уставниот суд е неприфатливо некој да се меша или да влијае во неговата работа и одлучувањето. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Обидите за омаловажување на Уставниот суд, неговиот углед и угледот на судиите, со прејудицирања на судските одлуки, со политички, а не со правни аргументи, не е во интерес на напорите за изградба на владеење на правото и правната држава.