Шалке во финансиска криза, ги моли навивачите да не ги бараат парите назад

Фудбалскиот клуб Шалке 04 ги замоли сопствениците на сезонски билети да се откажат од своето право на паричен надоместок и да му помогнат на клубот во тешката финансиска состојба поради пандемијата со коронавирусот.

Клубот од Гелзенкирхен во средата објави дека паднал во финансиска криза, што потенцијално го загрозува неговото постоење, бидејќи Бундеслигата е суспендирана од средината на март и нема да продолжи пред мај. И заради тоа, тие решија во Шалке да побараат помош од своите приврзаници и фанови.

„Имаме голем број понуди од навивачите да одбијат компензација за нивните сезонски билети и оние за дневни билети што се веќе набавени и таквите гестови ги сметаме за исклучително посебни. Секој што ќе одбие компензација дава неверојатен придонес за стабилизирање на ликвидноста на клубот и обезбедување на неговиот опстанок. Клубот во моментов е во потенцијално критична финансиска состојба што влијае на неговиот опстанок “, се вели во соопштението.

Шалке исто така најави дека ќе додели посебна маица на секој сезонски носител на билети кој не барал да му се рефундираат средствата.