Премиерот Зоран Заев ќе ја предводи делегацијата на нашата земја заедно со заменичката на претседателот во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на Состанокот на лидерите на НАТО во Лондон на 3 и 4 Декември, со кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.  

Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет на шефовите на држави и/или на влади во среда на 4 декември, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата, откако во февруари годинава беше потпишан Протоколот за членство на Македонија во Алијансата што досега го ратификуваа 28 членки на НАТО.   

Со учеството на состанокот на лидерите на земјите членки, Македонија ја потврдува определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи со најмоќната воена и политичка алијанса заснована на демократски вредности, како основа за заеднички просперитет и за напредок на земјите членки.  

Заев утре ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“. Премиерот Заев и членовите на делегацијата на Владата на Македонија, за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.  

Заев е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингамската палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.