Сѐ поизвесно: Македонија – Косово без гледачи, ФФМ чека нова одлука на Владата

Одлуките за дел од мечевите неделава во елитната Лига на шампионите и во Лига Европа да се играат без гледачи поради големата епидемија на коронавирусот на Стариот континент, но и појавата на четврто заразено лице во земјава од новиот вирус се поизвесно го најавуваат сценариото дека историскиот меч на Македонија и Косово закажан за 26 март од 20.45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе се игра без гледачи.

Во Македонија препораки за мечеви без публика на сите спортски натпревари има до 13 март, па оттаму Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) засега останува на ставот за мечот дека ќе се игра со гледачи, сè додека Министерството за здравство и Владата не донесе нова одлука и препорака или забрана за секакви јавни собири со повеќе од 1.000 луѓе.

„Засега стои уште дека мечот ќе се игра со гледачи, поради препораките кои важат до 13 март. Ако има нова препорака во следниот период, тогаш Министерството ќе мора да нè информира, а за целата ситуација ние да ја известиме УЕФА, која веќе е запознаена за првите две препораки за минатата и за оваа недела. Потоа сето тоа ќе оди на повисоко ниво, за да се најде решение и евентуално да се донесе одлука за мечот да се игра без гледачи“, вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.

Извор: Спорт1