На денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека Заев и СДСМ ја наметнуваат темата за Уставен суд, затоа што прават подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта која треба да се испорача од Пендаровски, а кои се плашат од одговорноста за аферите сега, како и еден вид задоцнета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци.

Но треба да знаат сите до еден од власта, оние вмешани во Рекет 1, 2 па и во наредните продолженија, аферата „Кеш“, оние во криминалните тендери и афери, и сите оние кои сега или порано се огрешиле спрема законот дека јас аболиција не поддржувам и компромиси со правдата не правам, рече Мицкоски.

Темата со Уставниот суд покажува дека мора да има механизми за заштита од злоупотреба на амнестијата како алатка. Бидејќи јас не може да зборувам за принципи во политиката, а кога ќе станува збор за правдата да виткам кичма како Заев, тоа од мене не треба никој да го очекува. И токму затоа ја користам оваа прилика и од името на ВМРО-ДПМНЕ да побарам следно:

Прво барање, да се направат законски измени со кој ќе се забрани секое лице кое ќе добие амнестија, да се занимава со политика или да врши јавна дејност во државата.

Второ, да се отвори дебата, да се консултира правната фела и да се донесат решенија во насока на забрана на аболиција на лица кои се занимавале со политика, бидејќи уште во 2008-та година и случајот „Глобал“ се покажа дека правдата кај нас се изигрува преку несовесно давање на амнестија.

Очекувам ова да биде прифатено и од страна на СДСМ и Заев, наместо со замки и удбашки методи да прифатат принципи и вредности.

Македонија не верува во амнестии, Македонија верува во правда и принципи.

Мора да создадеме систем кој независно ќе суди, ќе докажува криминал и ќе има одговорност за сите кои докажано се огрешиле кон законите и Уставот, истакна Мицкоски.